Recent Posts

Дел од предговорот на бугарскиот класичен филилог, историчар и археолог Гаврил Кацаров


Фотографија на Гоце Панговски.
Дел од предговорот на бугарскиот класичен филилог, историчар и археолог Гаврил Кацаров од неговата студија „Цар Филип II Македонски, Историја на Македонија до 336 год. пр. Христа“, Софија, 1922, стр. iii-iv.

„...Прашањето за народноста и народносното сознание на старите Македонци ние го разгледавме во посебно поглавје, зашто од неговото разрешување зависи сфаќањето на македонската историја воопшто. Нашето гледиште по тоа прашање се совпаѓа со тоа на видни странски учени, историчари и јазичари, коишто ја отфрлаат теоријата за хеленското потекло на Македонците. Таа теорија се заштитува главно од грчки учени, и тоа со тенденција да се оправдаат обидите на денешна Елада да владее области населени со за неа туѓи етнички елементи. Но тоа се залудни усилби, зашто дури и кога би можело без сомнение да се докаже дека старите Македонци биле сродни со Хелените, тоа сепак не би создало право за денешна Грција да владее со Македонија. Денешните Грци љубат да се прикажуваат како наследници на старите и го задушуваат светот со интересите на хеленизмот, но тие забораваат дека старите Грци и Римјани како нации се изгубиле во мешањето на разните племенски елементи коишто ги населувале Елада и Италија; дека таму произлегле нови народи, коишто поставиле основи на нови држави. 

Што се однесува до хеленската култура, таа се одделила од својата национална основа уште во времето на Александар Велики. Неговите освојувања не претставуваат ширење на политичката власт на Хелените, туку само--на нивната култура, којашто со тоа распространување била повлијаена од страна на источните култури и не можела недопрена да ја задржи нејзината посебност. Во замена на тоа таа добила космополитски карактер, со што нејзиното прифаќање се ослободило и за туѓи народи. Таа т.н. хеленистичка култура, подоцна била прифатена и од Римјаните коишто ја распространиле и во западната страна на нивната империја. Во времето на Рим, Елада веќе се наоѓала во полн политички, стопански и умствен пад; нејзините творечки сили веќе биле згаснати и таа живеела само со своето славно минато. 

Наспроти тоа хеленистичката култура продолжила да цвета во областите на некогашната империја на Александар, особено во Египет, Сирија и Мала Азија. Сепак, источните елементи во таа култура, коишто не биле задушени од хеленизмот, со текот на времето се' повеќе и повеќе се истакнувале и се развивале на штета на грчките. Затоа и во византиската култура ориенталните и христијански елементи играат многу по голема ролја отколку хеленско-римските.

Денес веќе со многу податоци се потврдува дека византиската култура не може да се смета како продолжение на старохеленската; напротив, за нејзиното создавање свој удел дале сите народи коишто влегувале во составот на византиската империја. Од ова станува јасно колку неосновани се обидите на денешна Елада за присвојување на наследството на Византија. Со истото право Италија би можела да полага права врз земјите на бившата западна римска империја. Тоа, се' разбира е апсурдно. Затоа Грците би требало да престанат да говорат за некакви политички права на стариот хеленизам; бидејќи со тоа тие не можат да заблудат ниту еден здравомислечки човек, којшто го има во предвид историскиот развој.

Сметавме дека е неопходно да го истакнеме горното, за да потцртаме, дека нашето излагање на старата македонска историја не проследува никаква политичка тенденција. Ние сме длабоко убедени дека наскоро ќе дојде време кога судбината на Македонија ќе биде разрешена врз основа на правичните барања на нејзиното сопствено население, а не врз основа на принципи на коишто им поминало времето...“


No comments